Објави (вести)

23.01.2019



ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД КХВ ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОН ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА АКЦИОНЕРСКИ ДРУШТВА

          

      На ден 31.12.2018 година во Службен весник на РМ број 248/2018 е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва кој влегува во сила со денот на објавување во Службен весник на РМ.

 

        Со измената на предметниот закон, поточно во член 5, се предвидуваат нови критериуми за заедничко дејствување, кои се однесуваат на утврдување на заедничко дејствување врз основа на дадено полномошно за присуство и гласање на собрание на акционери.

 

     Согласно Законот, за заедничко дејствување не се смета остварувањето на правото на глас врз основа на овластувања дадени од повеќе акционери на еден полномошник во постапка согласно со Законот за трговските друштва, освен ако тоа претставува прикриен начин на договарање чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво.

 

          Со последната измена се воведува обврска за полномошникот задолжително да ја извести Комисијата за хартии од вредност на РМ за намерата и причините за давањето на полномошната од повеќе акционери, во рок од пет работни дена пред одржувањето на Собранието на акционери. Согласно оваа измена, известувањето кое полномошникот има обврска да го достави до Комисијата, задолжително треба да ја содржи намерата и причините за давањето на полномошната, бројот на акции за кои е дадено полномошно, како и дали истото е со или без инструкции за гласање.

 

         Понатаму,  согласно измената на Законот исто така доколку полномошникот не ја извести Комисијата во наведениот законски рок, ќе се смета дека остварувањето на правото на глас врз основа на овластувањата дадени од повеќе акционери на тоа лице е прикриен начин на договарање чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво согласно ставот 8 од членот 5 од Законот.

 

   Врз основа на горенаведените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва, укажуваме на потребата од доследно почитување на оваа законска обврска, која претставува должност за ополномоштени лица кои присуствуваат на собрание на акционери.

 

         Во оваа прилика известуваме дека до крајот на месец Јануари 2019 година на веб страната на Комисијата ќе биде објавен образец на известување од полномошник на собрание на акционери, кој ќе може во иднина да го користат полномошниците за да ја известат КХВ. Дотогаш полномошниците можат да ја известуваат Комисијата во форма која сами ќе ја одредат.





11.09.2018



СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

 

10.09.2018

 

ЦЕНТРАЛЕН ДЕПОЗИТАР ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ СО НОВ ПОРТАЛ ЗА СЛЕДЕЊЕ ЕЛЕКТРОНСКИ ИЗВЕШТАИ

ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ЗА КРАЈНИ КОРИСНИЦИ НА ЦДХВ – ИЗДАВАЧИ И ИНВЕСТИТОРИ

 

Започнувајќи од денес, Централниот депозитар за хартии од вредност, го лансира својот најнов проект, за дигитализација на системот за крајните корисници, односно издавачите и инвеститорите на хартии од вредност. Дигитализацијата е во форма на портал за следење на електронски извештаи преку кои брзо и лесно се добиваат битните информации за издавачите и инвеститорите на хартии од вредност.

 

Порталот е изработен по мерка на потребите на корисниците и е многу лесен за користење. Покрај тоа, порталот нуди можност со кој се добиваат бесплатни релевантни и веродостојни извештаи од информативен карактер, извештаи од информативен карактер кои се наплатуваат и верификувани извештаи со електронски потпис и временски жиг.

 

Имателите на акции регистрационите податоци за првичен пристап можат да ги добијат преку банките или брокерските куќи кои се членки на Централниот депозитар за хартии од вредност и кои склучиле посебен договор со Депозитарот за таа намена, а издавачите преку потпишување на договор со Централниот Депозитар за хартии од вредност за користење на дистрибутивниот систем на податоци, при што овластено лице од акционерското друштво добива пристап до порталот. При изработката на порталот применети се највисоки стандарди на сигурност на информатичката технологија и заштита на личните податоци.

 

Креирањето на порталот беше процес на селекција на потребите на крајните корисници, а самата веб апликација е создадена врз основа на многу искуства и познати практики. Од сега па натаму, Акционерските Друштва и инвеститорите на хартии од вредност ќе имаат олеснителен пат,  поради тоа што дигитализацијата на Централниот Депозитар за хартии од вредност ќе ги заштеди сите круцијални ресурси, временски и оперативни, а воедно обезбедува заштита на интересите на засегнатите субјекти, одосно 530 издавачи и 70.000 сопственици на харии од вредност.изјави Даринка Дамјановиќ – извршен директор на Централниот Депозитар за хартии од  вредност.

 

Централниот Депозитар за хартии од вредност со оваа алатка придонесува кон поефикасно работење и модернизирање на пазарот на хартии од вредност, а миграцијата од off-line во on-line е природен процес, кој што ќе резултира со поевтини услиги за секој корисник.

 

Дигиализацијата кон крајните корисници е извршена со кофинансирање од Европската Банка за Обнова и Развој.