Објави (вести)

27.01.2016



Постапувајќи по Решението на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за трајно одземање на дозволата за работа со хартии од вредност бр. УП1 08-5 од 25.01.2016г. на членката Поштел брокер АД Скопје поради престанок на правното лице, Одборот на директори на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје на 14та седница одржана на 27.01.2016 година донесе Одлука за трајно исклучување од членство на оваа членка.


25.01.2016



Доставување акционерски книги - 

Ги известуваме издавачите на хартии од вредност евидентирани во базата на податоци на Депозитарот дека во наредните денови, почнувајќи од 25.01.2016 година, Депозитарот ќе врши доставување на акционерски книги со состојба на ден 31.12.2015 година до издавачите, согласно точка 6.2 од Правилата за работа на Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје.

Акционерски книги ќе бидат доставени до издавачите кои имаат активен статус согласно Правилата за работа на ЦДХВ и кои ги намириле обврските по основ на годишен надомест за водење на издадените хартии од вредност за претходната година.

Во насока на обезбедување на заштита на личните податоци на акционерите, акционерските книги ќе се доставуваат како заштитени (криптирани) документи. Дополнително ќе бидат доставени инструкции за декриптирање на документот.

Доставувањето на акционерските книги и инструкциите за декриптирање ќе се врши на адресата која издавачот на хартиите од вредност ја има пријавено во Депозитарот. Доколку кај некои од издавачите на хартии од вредност се настанати промени во адресата на друштвото кои не се пријавени во Депозитарот, ве молиме во најкраток можен рок до Депозитарот да доставите нови ажурирани адресни податоци.


12.01.2016



Новини во Правилата за работа и Правилата за членство на ЦДХВ

Ве известуваме дека Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 30.12.2015г., даде согласност на измените и дополнувањата на Правилата за работа и Правилата за членство на ЦДХВ АД Скопје од 01.12.2015 година. Пречистени текстови на овие акти се достапни на веб страницата на ЦДХВ АД Скопје, во делот ЗА ЦДХВ/РЕГУЛАТИВА

Поважни новини на Правила за работа на ЦДХВ АД Скопје

 Членство во Депозитарот на друштвата за управување со инвестициски фондови

Со измените на Правилата за работа е воведена можноста, согласно измените на Законот за хартии од вредност од февруари 2015 година, друштвата за управување со инвестициски фондови да станат членки на Депозитарот, со привилегија на нивно име, а за сметка на своите клиенти да отворат портфолио сметки за хартии од вредност. Активноста на друштвата за управување со инвестициски фондови како членки на Депозитарот би се ограничила само на оваа функционалност и истите не би имале права како и другите членки - овластени учесници на пазарот на хартии од вредност

Утврдување на статусот на издавачите како активен, блокиран и пасивен

Со измените на Правилата за работа се дефинира и статусот на издавачите како активен, блокиран и пасивен, статус на хартиите од вредност како активен и блокиран, како и последиците од воведувањето на пасивен статус на издавачите во поглед на добивањето на услуги од страна на Депозитарот. Оваа промена, меѓу другото, се воведува и како резултат на одредбите на Законот за трговски друштва кои предвидуваат постапка за утврдување на неактивни субјекти и нивно бришење од Централниот регистар на Република Македонија.

Задолжително издавање на акционерските книги за издавачите со состојба 31 декември

Како една од побитните новини на Правилата за работа која се однесува на издавачите на хартии од вредност е одредбата со која обврската за ЦДХВ за доставување на акционерските книги на издавачите со состојба 31.12. се однесува само за акционерските друштва што редовно ги подмируваат своите обврски кон Депозитарот за годишниот надомест за водење на акционерските книги за претходната година.

Поважни новини на Правила за членство на ЦДХВ АД Скопје

Услови за стекнување на членство во Депозитарот на друштвата за управување со инвестициски фондови

Заради  измените на Законот за хартии од вредност објавени во февруари 2015 година со кои се воведува можност друштвата за управување со инвестициски фондови да можат да станат членки на Деопозитарот, во Правилата за членство на ЦДХВ АД Скопје се воведува ново засебно поглавје во кое се уредени условите и постапката за стекнување на членство во Депозитарот само за овие субјекти имајки го во предвид ниското ниво на пристап кое истите би го имале до услугите на Депозитарот во однос на членките кои се овластени учесници на пазарот на хартии од вредност, односно берзанските посредници.