Историја

Како правен субјект, Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје е основан на 10.10.2001 година, од 10 брокерски друштва, 14 банки и една осигурителна компанија. Согласно Законот за хартии од вредност за вршење на своите функции Депозитарот доби Одобрение  за основање и работа од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија бр.07-943/3 од 24.10.2001 година.

До основањето на Депозитарот, хартиите од вредност издадени во Република Северна Македонија се водеа во хартиена форма, што за издавачите, берзата, брокерите и сопствениците значеше процес на комплицирано издавање, тргување и евиденција на сопственоста над хартиите од вредност.

По основањето на Депозитарот, при крајот на ноември 2001 година, почна процесот на дематеријализација, односно конвертирање на хартиите од вредност од материјална во електронска форма, со што Депозитарот ја доби улогата на централна база на податоци преку која на имателите на хартии од вредност, инвеститорите, надлежните институции и другите засегнати субјекти, на брз и едноставен начин им е обезбеден пристап до неопходните податоци.

Со дематеријализацијата на хартиите од вредност, базата на податоци на ЦДХВ е единствената валидна база од која се добиваат податоци за сопственоста на хартиите од вредност и сите други ограничување во врска со хартиите од вредност.

Процесот на дематеријализацијата и централизираниот пристап за евиденција на сите хартии од вредност во Република Северна Македонија ја зголеми заштитата на правата на инвеститорите и ја подобри довербата во македонскиот пазар на капитал. 

Од неговото основање, па сè до 31.12.2005 година Депозитарот работеше на непрофитна основа.