Утврдување и порамнување

ЦДХВ го извршува утврдувањето и порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност што се склучени на Македонската берза за хартии од вредност.

Утврдувањето претставува постапка на пресметка на обврските што произлегуваат од склучените трансакции со хартии од вредност и постапка на подготовка за порамнување на тие трансакции преку проверка на расположливоста на потребните хартии од вредност и на паричните средства.

Порамнувањето на трансакции со хартии од вредност се извршува според принципот „испорака наспроти плаќање“, односно преносот на хартиите од вредност во врска со трансакциите со хартии од вредност се врши преку истовремена размена на хартии од вредност и пари.

Поконкретно „испорака наспроти плаќање“, односно „DVP“ е постапка за пренос на хартиите од вредност и пренос на паричните средства што обезбедува пренесувањето на хартиите од вредност да се изврши единствено и истовремено ако се изврши плаќањето, односно целосна синхронизација (истовременост) на преносот и плаќањето.

Порамнувањето се врши на бруто-основа на страната на хартиите од вредност, а на нето-основа на паричната страна. Ова значи дека размената на хартиите од вредност се врши меѓу сметки за хартии од вредност на учесниците во берзанската трансакција (купувач и продавач), а размената на паричните средства, пак, се врши меѓу посебни сметки наменети за порамнување на берзанските трансакции што ги отвораат членките на Депозитарот во Народна банка на Република Македонија.

Предмет на утврдување и порамнување во рамките на Депозитарот се сите трансакции со хартии од вредност склучени на Македонската берза на хартии од вредност како и пазарот преку шалтер што е организиран од Народна банка на Република Македонија на која се тргува со хартии од вредност издадени од државата (краткорочни државни записи и обврзници).

Депозитарот го извршува утврдувањето и порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност врз основа на податоци примени од Берзата, на денот на тргувањето. Податоците примени од Берзата содржат елементи што се потребни за утврдување и порамнување на усогласени трансакции. Овие податоци се однесуваат на цената по која купувачот и продавачот се согласни да ги купат, односно да ги продадат хартиите од вредност, преку кои брокерски куќи се спроведува трансакцијата, датумот на тргување и порамнување, бројот на сметката на купувачот и продавачот итн.

Откако Депозитарот ќе ги прими усогласените тргувања од Берзата, трансакцијата е обврзувачка за двете страни што учествувале во нејзиното склучување.

Трансакциите примени од Берзата се конечни и не можат еднострано да се откажат од страна на учесникот во утврдувањето (брокерот). Само Депозитарот може по барање од Берзата и со посебна цел за исправање на грешките да прави измени или да откаже трансакции.

Пред порамнувањето, учесникот во трансакцијата – продавачот е должен да обезбеди хартии од вредност на неговата/на сметката за хартии од вредност на неговиот клиент, а учесникот во трансакцијата – купувачот да обезбеди готовина на неговата сметка за парично порамнување за секоја трансакција поединечно. Порамнувањето во Депозитарот се спроведува не подоцна од три дена по денот на тргувањето.